Fitr

Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП успешно реализираа јавен повик за дигитализација на општините – пилот, чија цел е полесен пристап и поквалитетни услуги на локално ниво преку развој на дигитални алатки и решенија.

– Избраното решение на компанијата Ентер од Охрид – Е-платформа LUCA E-LSG PLATFORM – ќе ги опфати алатките за Воспоставување на електронски систем за наплата на давачките кон општината; Воспоставување на систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија; Електронски систем на волонтери и Онлајн платформа за општински форум. Платформата ќе биде изработена со јасни и разбирливи инструкции за користење, со цел да биде искористено од страна на различни категории на граѓани од различни возрасни структури – велат од ФИТР.

Дополнително, платформата е така креирана, што нејзината инфраструктура ќе биде столб на идната потполна дигитализација на општинските услуги преку нејзино лесно и економично збогатување со нови сервиси за граѓаните и правни лица, униформност и стандардизација на работењето на општинските службеници, рационализација на трошоците и други предности.

На јавниот повик, реализиран во периодот 02.10 до 19.10 учествуваа 13 домашни компании, од кои 8 преминаа во фаза на финална селекција.

На отворањето на јавниот повик, директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакна дека „дигитализацијата на јавниот сектор го отклучува потенцијалот за поголема ефикасност и поголем квалитет на услугите. Јавниот сектор така станува поотворен, потранспарентен во своето работење, а со тоа го затвораме просторот за ризик од т.н. „ситна“ корупција, со кој се соочуваат многу наши сограѓани секојдневно при потребата за користење на услуги од јавните службеници“.

Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП во земјава најавува продолжување на поддршката за примена на иновации во јавниот сектор.

– УНДП е посветена на поддржување на иновации и дигитализација во различни сектори како начин за надминување на предизвиците создадени од КОВИД-19 и за трансформирање на постоечките системи со воведување на пофлексибилни и отпорни начини за пристапување до јавните услуги. Во таа насока е и нашата соработка со Фондот за иновации, за остварување на заедничката цел на зајакнување на иновациските активности во земјата, со посебен фокус на јавните услуги и зајакнувањето на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор – рече Сахакјан.

Одлуката за избор ја донесе Комисијата за евалуација и избор составена од претставници на УНДП, ФИНКИ, ФИТР и двајца претставници од општините. Степенот на технолошкиот напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание беа клучни критериуми за оценка на предлог проектите.

УНДП ги обезбедува средствата за повикот – 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР. Е-Платформата треба да биде изработена за максимум 30 дена, и да биде имплементирана до крајот на годинава.

– Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во 5 пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово кои се селектирани преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочена кон поддршка на државата за справување со ефектите од КОВИД-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социоекономска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо опоравување на локално ниво – се вели во соопштението од Фондот.

Избраното решение исто така ќе биде целосно бесплатно достапно и за останатите единици на локална самоуправа од С.Македонија, кои ќе изразат подготвеност за нивно имплементирање.